1. Што е изборологија и како да креираш профил за играње?
2. Како да започнеш нова сесија за играње?
3. Кои елементи ги содржи играта?
4. Како се одвива текот на играње?
5. Како да направиш скандал и коалиција?
6. Завршна рунда и приказ на резултати
ИГРАЈ ОДГОВОРНО, ГЛАСАЈ ИНФОРМИРАНО
„Изборологија“ е он-лајн друштвена игра која ви овозможува да „влезете во чевлите“ на лидер на замислена политичка партија и да учествувате во парламентарните избори во нашата земја. Преку стратешко носење на одлуки, освојте ги гласовите на гласачите, освојте најголем број мандати за пратеници во Собранието и добијте ја довербата за да формирате Влада која во следните четири години ќе управува со државата.
Преку играта ќе имате можност поблиску да се запознаете со политичкиот систем во нашата земја, да разберете како функционира парламентарната демократија, како се спроведуваат изборите за пратеници во Собранието на нашата земја и на кој начин политичките партии учествуваат во парламентарните избори.
Собирајте РЕСУРСИ кои се достапни низ целата територија на нашата земја и истите искористете ги за да спроведувате МЕРКИ кои ќе го подобрат животот на вашите сограѓани и идни гласачи или за да спроведете АКТИВНОСТИ со кои ќе ја освоите довербата на населението и ќе го зголемите вашето гласачко тело. Пронајдете и користете дополнителни МОЌИ кои ќе ви помогнат во вашата изборна кампања, но и трудете се да ги забележите СКАНДАЛИТЕ на вашите политички конкуренти за да остварите предност пред нив. Најдете силен КОАЛИЦИСКИ ПАРТНЕР кој ќе ви помогне во изборната трка и ќе ви помогне да победите на изборите, а грижете се и за вашата РЕПУТАЦИЈА која може позитивно, но и негативно да влијае на финалниот исход за вашата политичка партија.
СОСТАВ НА ИГРАТА
Една главна табла за играње
Шест индивидуални таблички за играње
Картички со „РЕСУРСИ“
Картички „МЕРКИ“
Картички „АКТИВНОСТИ“
Картички „ТАЈНА МИСИЈА“
Картички „КОАЛИЦИОНИ ПАРТНЕРИ“
Картички „МОЌ“
Картички „СКАНДАЛ“
Картички „НАСТАН“
ОБЈАСНУВАЊЕ НА ТАБЛИТЕ ЗА ИГРАЊЕ
1. Главна табла за играње
Главната табла за играње е во форма на територијата на Република Северна Македонија, поделена во шестте изборни единици кои постојат. Секоја изборна единица содржи четири полиња преку кои играчите, во текот на играта можат да собираат ресурси кои им се потребни во текот на играта. Дополнително, секоја изборна единица означува еден број од коцката (1,2,3,4,5,6) која играчот при вртење може да ја вложи за да може да користи еден од ресурсите кои се достапни.
2. Индивидуални таблички за играње
Постојат шест индивидуални таблички за играње кои претставуваат различни политички партии со кои играчите управуваат. Секоја индивидуална табличка за играње содржи неколку елементи:
Назив на политичката партија со која управува играчот;
Моќи на политичката партија: Моќите претставуваат одредена предност која играчот ја добива од конкретната политичка партија и се во форма на број на гласови кои играчот ги добива на почетокот на играта, како и ресурси кои играчот ги добива со започнување на секоја од рундите;
Полиња за освоени картички: На овие полиња се собираат сите мерки, активности, коалициски партнери и картички со моќ кои играчот ги поседува. Освен картичките со моќ, сите останати картички се достапни на увид за останатите играчи;
Полиња за ресурси: Со поставени полиња за евиденција, играчот има преглед за бројот на секој од ресурсите кои ги поседува. Бројот на ресурси се менува при собирање или инвестирање на ресурси од страна на играчот;
Скала за мерење на репутација: На самата табличка за играње, играчот може да го следи својот прогрес на скалата за репутација, а прогресот е видлив и за останатите играчи. Колку повисока репутација, толку повеќе гласови.
ОБЈАСНУВАЊЕ НА ПОЛИЊА И КАРТИЧКИ
Пред да започнете со читање на правилата за игра, би сакале да ви ги објасниме полињата за играње и картичките кои се достапни за играње, како и можностите и условите за нивно користење.
1. ПОЛИЊА ЗА ЗЕМАЊЕ РЕСУРСИ
Ресурсите претставуваат средства кои играчите ги користат за да можат да спроведуваат МЕРКИ и АКТИВНОСТИ во текот на играта, со вложување на определен број ресурси кои ги налагаат картичките со мерки и активности.
Постојат вкупно шест различни ресурси кои се користат во текот на играта: бизнис партнер, пари, експерт, простор, партиско членство и меѓународна поддршка.
Ресурсите можат да се добијат со стапнување на полињата претставени во шестте изборни единици, на главната табла за играње, со исполнување на условите објаснети подолу во овој Водич.
Достапните ресурси за секој играч се бележат на индивидуалните таблички за играње кои ги поседува секој играч.
2. КАРТИЧКИ „МЕРКИ“
Картичките МЕРКИ претставуваат можност за играчот да освојува гласови во текот на играта. На главната табла за играње во секое време се достапни шест различни мерки кои играчите можат да ги спроведуваат. Секогаш кога одреден играч ќе спроведе една од шестте достапни мерки, на нејзино место автоматски се поставува нова мерка која е достапна за играчите.
На секоја од МЕРКИТЕ е наведена цената која играчот треба да ја плати за да ја спроведе истата (колку и какви ресурси треба да вложи), како и бројот на гласови кои играчот ќе ги добие со нејзино спроведување.
Според цената која треба да се плати за мерката и бројот на гласови кој го добивате од мерката, се разликуваат четири категории на мерки:
Мерки кои носат 4000 гласови во една изборна единица
Мерки кои носат 5000 гласови во две изборни единици
Мерки кои носат 4000 гласови во сите шест изборни единици
Мерки кои носат 12000 гласови во една изборна единица.
*ВАЖНО: Со спроведување на мерка од првата, втората или четвртата категорија, играчот самостојно одбира во која изборна единица сака да му се евидентираат добиените гласови.
3. КАРТИЧКИ „АКТИВНОСТИ“
Активностите се картички кои играчите ги добиваат на почетокот на играта и не постои можност за дополнително земање на картички од овој вид. Секоја картичка АКТИВНОСТ, како и МЕРКИТЕ имаат цена која играчот треба да ја плати за да го добие бенефитот од истите. За разлика од МЕРКИТЕ, спроведувањето на АКТИВНОСТИ, покрај гласови, на играчот му овозможува и позитивно поместување на скалата за репутација.
4. КАРТИЧКИ „ТАЈНА МИСИЈА“
Секој играч на почетокот на играта добива една картичка со ТАЈНА МИСИЈА.Тајните мисии претставуваат дополнителна можност за играчите да освојуваат гласови кои се евидентираат на крајот од играта. ТАЈНАТА МИСИЈА содржи услов кој играчот треба да го исполни до крајот на играта за да го искористи бенефитот од истата.
5. КАРТИЧКА „КОАЛИЦИОНЕН ПАРТНЕР“
Картичките КОАЛИЦИОНЕН ПАРТНЕР претставуваат политички партии со кои играчите можат да остварат коалиција за да добијат дополнителни гласови во играта. Секој коалиционен партнер има одредени услови кои играчот треба да ги исполни за да го добие бенефитот од картичката.
*ВАЖНО: Гласовите добиени од остварената коалиција се евидентираат веднаш, а играчот самостојно одлучува во која изборна единица би сакал да ги вброи гласовите.
6. КАРТИЧКА „МОЌ“
Картичката МОЌ претставува можност играчот да добие определена предност во играта, доколку поседува ваков вид на картичка (Пр. Со оваа карта до крајот на играта добиваш двојно повеќе од ресурсот простор).
ВАЖНО: Оваа картичка може да донесе тактичка предност. Откако ќе земе картичка МОЌ, играчот сам одлучува дали оваа картичка ќе ја внесе во игра веднаш или понатаму во текот на играта. Оваа картичка се до моментот на нејзиното откривање не е видлива за другите играчи.
7. КАРТИЧКА „СКАНДАЛ“
Картичките СКАНДАЛ претставуваат можност за играчите да уназадат одреден играч, односно да го саботираат. Овие картички содржат негативни последици кои настануваат врз играчот кон кого е насочен скандалот.
Доколку одреден играч поседува ваква картичка, тој може веднаш или понатаму во играта, истата да ја искористи против некој од останатите играчи и да му наштети со намалување на број на гласови (играчот на кого му се одземаат гласови сам избира одкоја Изборна единица ќе ги одземе гласовите) или со намалување на степенот нарепутација, зависно од содржината на картичката
*ВАЖНО:Оваа картичка се до моментот на нејзиното откривање не е видлива за другите играчи.
**ВАЖНО: Доколку картичката СКАНДАЛ предвидува намалување на бројот на гласови, играчот на кого му се одземаат гласови сам избира од која Изборна единица ќе ги одземе гласовите.
Играч кон кого е насочен скандалот може да се спаси од последиците на истиот доколку поседува картичка МОЌ со која:
Го стопира скандалот, со што не ги претрпува последиците од истиот;
Го возврати скандалот, со што последиците наместо кон него, се одразуваат кон играчот кој ја употребил картичката СКАНДАЛ.
***ВАЖНО:За еден играч да може да земе и употреби картичка СКАНДАЛ тој најпрво мора да остави напредок од +3 на скалата на репутација.
8. КАРТИЧКИ „НАСТАН“
Картичките НАСТАН се отвораат автоматски на секоја трета рунда во текот на играта. Настаните претставуваат одредени дејствија кои позитивно или негативно влијаат на целокупната игра и се однесуваат на сите играчи (Пр. Во земјата се случува голем граѓански протест. Во наредниот круг партиите не смеат да прават коалиции.) Ефектот на настанот е во времетраење од една рунда, односно се однесува само на рундата во која тој настан стапил на сила.
КАКО ДА ПОБЕДИШ?
„Изборологија“ се игра во 10 рунди при што секој од играчите има по 2 потега од рунда. Оваа комбинација го отсликува процесот на одржување на изборна кампања кој во нашата земја е 20 дена. На крајот на последната рунда, победник е играчот кој освоил најмногу мандати од спроведените „избори“. Бројот на мандати се определува така што освоените гласови во шестте изборни единици, користејќи го Донтовиот модел, се претвораат во мандати што ги добива секој од играчите. Гласовите, кои подоцна ќе бидат претворени во мандати, се добиваат преку спроведување на мерки, спроведување на активности, остварување на коалиции и исполнување на тајна мисија.
ПРЕД ЗАПОЧНУВАЊЕ НА ИГРАТА
1. Поделба на индивидуални таблички за играње
Секој играч, по случајност, добива индивидуална табличка зa играње која претставува одредена политичка партија, со свои карактеристични предности кои му ги дава на играчот. Индивидуалната табличка содржи:
Моќи кои ги има партијата, кои на играчот му даваат предност во играта;
Обележани полиња за чување на картичките со кои располага играчот;
Бројачи на гласови, каде се евидентираат гласовите кои играчот ги освоил во секоја од изборните единици.
Бројачи на ресурси, каде се евидентира количина од секој ресурс која играчот ја поседува;
Евиденција за репутацаја, каде се евидентира степенот на репутација која играчот ја има во текот на играта.
2. Поделба на активности
Секој играч, пред почетокот на играта добива 3 картички со активности со чие исполнување во текот на играта, може да освои гласови и да го зголеми степенот на репутација.
3. Поделба на тајни мисии
Секој играч добива една тајна мисија која на крајот на играта може да му донесе дополнителни гласови. Тајните мисии се одредени услови кои играчот треба да ги исполни до крајот на играта за да го добие бенефитот кој тајната мисија го нуди.
ОБЈАСНУВАЊЕ НА УСЛОВИТЕ ЗА ИГРАЊЕ НА ОДРЕДЕН ПОТЕГ
Во текот на играњето, секој играч ќе може во својот ред за играње да избере да изигра една или повеќе од понудените можности за играње. Пред да преминете кон објаснувањето за спроведување на една рунда, важно е да ги знаете условите кои ги налага секој од понудените можности за играње:
МОЖНОСТИ ЗА ИГРАЊЕ КОИ НАЛАГААТ КОРИСТЕЊЕ НА КОЦКА ЗА ИГРАЊЕ
Додека дел од можностите за играње не се поврзани со двете коцки и со вредноста на секоја од коцките (како што се спроведување на мерка и активност, како и остварување коалиција со кoалициски партнер) дел од можностите за играње се ограничени од двете коцки за играње со кои располага играчот.
1. Земање на определен ресурс
Полињата за ресурси се распределени во изборните единици, на главната табла за играње. Секоја изборна единица има четири полиња, секое поле претставува ресурс кој може да го земе играчот, со стапнување на полето. Распоредот на достапните четири ресурси во секоја од шестте изборни единици е различен.
Во секоја изборна единица е наведена вредноста на коцката која му е потребна на играчот за да може да искористи ресурс во таа изборна единица (Пр. За да изберете еден од четирите ресурси достапни во Изборна единица 1, потребно е да имате коцка чија вредност е 1. Вредноста на коцката се однесува на бројката испишана на вашата коцка).
Доколку играчот има коцка со вредноста која ја налага изборната единица, тој може, со притискање на соодветното поле, да земе еден од четирите достапни ресурси. Кога ќе го направи тоа, на неговата табличка за играње веднаш се евидентира земениот ресурс. Со притискање на соодветното поле, неговата коцка која ја има вредноста која ја налага Изборната единица, се поставува на полето со ресурсот кој го земал и тоа поле автоматски станува недостапно за играње од страна на останатите играчи, до крајот на рундата.
2. Земање на картичка „МОЌ“.
За играчот да земе картичка моќ, потребно е да се вложи една од двете коцки со кои располага играчот во конкретната рунда. За играње на овој потег, вредноста на коцката која ја вложува играчот не е важна.
3. Земање на картичка „СКАНДАЛ“
За играчот да земе картичка скандал, потребно е да се вложи една од двете коцки со кои располага играчот во конкретната рунда, но само доколку неговата репутација е најмалку +3. За играње на овој потег, вредноста на коцката која ја вложува играчот не е важна.
МОЖНОСТИ ЗА ИГРАЊЕ КОИ НЕ НАЛАГААТ КОРИСТЕЊЕ НА КОЦКА ЗА ИГРАЊЕ
Доколку е ваш ред за играње, можете да спроведете МЕРКA или АКТИВНОСТ, како и да остварите коалиција со КОАЛИЦИОНЕН ПАРТНЕР без да вложувате една од двете коцки со кои располагате во конкретната рунда. Тоа значи дека откако, користејќи ги двете коцки, ќе земете ресурс, ќе земете картичка МОЌ или картичка СКАНДАЛ, можете дополнително да спроведете МЕРКА или АКТИВНОСТ, или пак да остварите коалиција.
ВАЖНО: Доколку играчот не е задоволен од вредноста на ЕДНА од двете коцки, има можност, еднаш во текот на еден круг, истата да ја врти повторно, со вложување на еден од неговите ресурси, по негов избор.
СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЕДНА РУНДА
Играта „Изборологија“ се игра во 10 рунди. Редот на играње се одредува на почетокот, автоматски од самиот систем, а се менува во секоја рунда.
Една рунда завршува кога сите играчи ќе го изиграат нивниот ред за играње. На својот ред, играчот може да направи неколку избори за играње:
Да земе определен ресурс кој му е потребен од главната мапа на играње, согласно вредноста на една од двете коцки со кои располага; За овој потег играчот може, по сопствен избор, да искористи една или двете коцки. Во случај кога играчот ги користи двете коцки за да земе ресурси, тој потоа не може да игра потег со кој ќе избере картичка МОЌ или картичка СКАНДАЛ.
Доколку ги има потребните ресурси, може да реализира една од мерките понудени на главната табла за играње и да ги добие гласовите кои ги нуди мерката:
Доколку располага со потребните ресурси, може да реализира една од активностите кои ги поседува и да ги добие гласовите и напредок на степенот на репутација, согласно активноста која ја спровел;
Да избере картичка „Моќ“, која ќе му даде одредена предност во текот на играта;
Да избере картичка „Скандал“ која ќе ја искористи за да уназади некој од останатите играчи (само доколку поседува најмалку +3 репутација);
НАПОМЕНА: Ефектите од изиграниот потег веднаш се евидентираат на индивидуалната табличка за играње на играчите.
Откако првиот играч ќе го изигра неговиот ред за играње, продолжува следниот играч, согласно редот на играње и се така додека последниот играч не го заврши својот ред за играње, со што всушност се означува и крајот на рундата. Следната рунда започнува со играчот кој во претходната рунда играл втор и овој систем на ротација се применува во секоја од рундите.
ЗАВРШУВАЊЕ НА ИГРАТА
Играта завршува со завршувањето на десетата рунда, по што следува рунда за евидентирање на дополнителни гласови.
Покрај гласовите кои на играчите им се евидентирале преку остварување на мерки и активности во текот на играта, играчите имаат можност да внесат и дополнителни гласови кои ги освоиле преку:
Исполнување на тајната мисија;
Напредок на скалата за репутација;
Неискористување на ресурси со кои располагаат.
Освоени или изгубени гласови согласно остварениот напредок на скалата за репутација. Секој напредок на скалата на репутација претставува илјади гласови кои играчот ги добива или ги губи, односно +3 репутација претставува дополнителни 3000 гласа, +6 репутација претставува дополнителни 6000 гласа итн, додека -3 репутација означува -3000 гласа кои играчот ги губи, -6 репутација означува -6000 гласа итн.Играчот сам одлучува во која изборна единица ќе ги додаде дополнително освоените гласови, односно од која изборна единица ќе ги одземе изгубените гласови согласно скалата на репутација.
Освоени гласови од ресурсите кои играчот ги поседува, а не ги искористил во текот на играта. Секој неискористен ресурс се претвора во гласови, каде еден ресурс има вредност од 500 дополнителни гласа.Играчот сам одлучува во која изборна единица ќе ги додаде овие дополнително освоени гласови.
Откако секој играч ќе го евидентира финалниот број на гласови во секоја изборна единица, системот, користејќи го донтовиот модел ќе го определи бројот на мандати кој секој играч го освоил во секоја од изборните единици. Победник е играчот кој освоил најголем вкупен број на мандати на крајот на играта.