Политичкото образование како што наведува и самото име подразбира процес на образование што и овозможува на индивидуата да стекне вредности, знаења и вештини кои ќе овозможат полесно да се вклучи во демократските текови на една земја како што се гласање на избори и активно учество на локално ниво.
Сепак, политичката едукација сама по себе развива и низа други компетенции кај младите луѓе како што: знаења за политичкиот систем, културни и интеркултурни компетенции, медиумска писменост, прифаќање на различни ставови, демократско учество и други.
Во тој контекст, политичкото образование не треба да биде сметано и гледано како партиско и идеолошко образование, туку како граѓанско образование што ги подготвува луѓето да станат информирани и свесни граѓани во општеството
Но колку всушност нашето образование ги подготвува младите да бидат политички образовани?
Според последните истражувања 54% oд средношколците и студентите никогаш до сега не учествувале во активности за решавање на проблем во нивната заедница.
86,1% од средношколците и 87,3% од студентите сметаат дека во рамки на образованието немале предмети кои од нив бараат информираност и следење на актуелните настани во државата.[1]
[1]Повеќе од половина од средношколците и студентите сметаат дека не можат реално да влијаат врз начинот на кој што работат властите.
Како учениците „вежбаат” демократија?
Ученичкото учество во рамки на структурите во училиштата претставува одлична можност за директно практикување на политичкото и граѓанското образование. Но, ако се земат податоците, ќе видиме дека ученичкото учество и запознаеноста е на многу ниско ниво.
Учениците пред се не се запознаени со своите права, односно 54% изјавиле дека многу малку или малку се запознаени. Понатаму, според истражувањето на LEAD и KAS, 65% од учениците никогаш не учествувале во работата на телата на училиштата. Па така, ученичкото учество во процесот на донесувањето одлуки е еден од индикаторите за тоа колку младите се граѓански свесни, но и за тоа колку системски им е овозможено да бидат вклучени, консултирани и да влијаат во одлуките од кои тие директно се засегнати.